Најмалку 80 луѓе загинаа во југоисточниот дел на Мадагаскар во тропската бура што минатиот викенд го погоди островот во Индискиот Океан, предизвикувајќи поплави, уништувајќи куќи и оставајќи ги жителите без електрична енергија.
– Еден од најтешко погодените градови е Носи Варика на источниот брег, каде што речиси 95 отсто од зградите беа уништени како штотуку да сме бомбардирани, рече претставник на локалите власти.
Циклонот Бацирај го погоди копното во саботата навечер и го погоди источниот брег со силен дожд и налети на ветар од 165 километри на час. Се проценува дека до 150.000 луѓе би можеле да бидат раселени.
Пред две недели, разорната тропска бура Ана помина низ островот, при што загинаа 55 луѓе, а 130.000 беа раселени.
Претставникот на УНИЦЕФ во земјата, Жан Беноа Манхес вчера предупреди дека многу од жртвите веројатно се деца, кои сочинуваат повеќе од 50 отсто од населението во земјата.
Агенцијата на ОН информира дека се урнати покривите на неколку училишта и здравствени центри во погодените области.
Бацирај го поштеди главниот град Антананариво и главното пристаниште на островот Таматаве, што доведе до помалку жртви отколку што првично стравуваа властите и хуманитарните организации, кои предупредија дека може да бидат погодени речиси 600.000 луѓе, а 140.000 да бидат раселени.
Извор: МИА