Илјадници граѓани на Венецуела денеска излегоа на улиците на Каракас за да ја одбележат годишнината од обидот за пуч во 1992 година на Хуго Чавез, поранешниот претседател на земјата.
Обидите за државен удар во Венецуела во 1992 година беа обиди на Хуго Чавез и неговото Боливарско револуционерно движење-200 да ја преземат власта во земјата.
Демонстрантите носеа транспаренти, знамиња и слики на Чавез, кој го предводеше обидот за соборување на владата на Карлос Андрес Перез во 1992 година.
Пред голем број граѓани во Каракас се обрати и актуелниот претседател на државата Николас Мадуро.
По неуспешниот обид за пуч, Чавез беше во затвор без судска одлука до 1994 година. Како што популарноста на Чавез растеше од ден на ден, обвинувањата против него беа отфрлени и тој ја основаше политичката партија Движење за петта република.
Во декември 1998 година победи на претседателските избори со 56 отсто од гласовите, а функцијата ја презеде во февруари 1999 година.
Мадуро го наследи Хуго Чавез како претседател на Венецуела во 2013 година.
Извор: МИА