Францускиот претседател Емануел Макрон ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин на 7 февруари во Москва за да разговараат за ситуацијата во Украина, додека западните светски лидери се обидуваат да избегнат голем конфликт со Русија околу Украина.
Кабинетот на Макрон соопшти дека следниот ден, по средбата со Путин, Макрон во Киев ќе има средба и со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Макрон рече дека приоритет е да се најде договор за смирување на тензиите околу Украина, иако САД соопштија дека ќе испратат уште 3.000 војници во Полска и Романија, бидејќи Русија собра повеќе од 100.000 војници во близина на Украина.
„Во четвртокот Макрон имаше одвоени телефонски разговори со рускиот и украинскиот лидер за да се обиде да постигне напредок во однос на статусот на регионот Донбас, како дел од напорите за смирување на тензиите“, се вели во соопштението од канцеларијата на Макрон.
Во соопштението, исто така, се вели дека Макрон на двајцата лидери им ја истакнал важноста да се разговара за условите за постигнување стратешка рамнотежа во Европа, што ќе ги намали тензиите на теренот и ќе ја гарантира безбедноста на континентот.
САД, исто така, во четвртокот рекоа дека Русија формулирала неколку опции како изговор за инвазија на Украина, вклучително и потенцијална употреба на пропагандно видео кое прикажува монтиран напад, додека Кремљ го осуди распоредувањето американските сили во регионот.