Рускиот претседател Владимир Путин во разговор со францускиот колега Емануел Макрон укажа на провокативните изјави и постапки на украинските власти.
Како што соопшти Кремљ, претседателите на Русија и Франција посветиле посебно внимание на ситуацијата во врска со Украина и безбедносните предлози на Москва.
– Владимир Путин уште еднаш укажа на провокативните изјави и постапки на украинското раководство, кои се спротивни на договорите од Минск, се нагласува во соопштението на прес-службата на Кремљ.
Соопштено е и дека Путин и Макрон се договориле да ги продолжат контактите.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави синоќа дека разговарал со неговиот француски колега Емануел Макрон за „забрзување на мировниот процес“ во Украина поради стравувањата од руска инвазија.
„Продолжување на дијалогот со Емануел Макрон за борба против безбедносните предизвици и забрзување на мировниот процес во Нормандискиот формат“, напиша Зеленски на Твитер по разговорот со Макрон.
Нормандискиот формат за решавање на украинската криза е воспоставен во јуни 2014 година, кога за ова прашање на маргините на годишнината од истоварувањето на сојузниците во Нормандија во Втората светска војна, разговараа тогашната германска канцеларка Ангела Меркел и претседателите на Русија, Франција и Украина, Владимир Путин, Франсоа Оланд и Петро Порошенко.