Бројот на активни случаи на Ковид-19 во Грција и понатаму е висок, околу 140.000, додека, пак, во изминатата седмица во просек биле регистрирани по околу 19.000 новозаразени дневно, според податоците што ги соопшти професорката Вана Папаевангелу од комисијата на епидемиолози во Министерството за здравство, јави дописничката на МИА од Атина.
Од новите случаи во Грција во изминатите четири седмици, како што објасни Папаевангелу на редовната прес-конференција, околу 30 проценти се деца што одат на училиште, а 90 отсто од нив се асимптоматски, откриени преку задолжителните тестови за домашна употреба, додека пак 90 -100 деца се хоспитализирани и главно се на возраст под 11 години.
Во однос на хоспитализациите во земјата, рече дека бројот се намалува, но со бавно темпо и во овој момент во болниците со Ковид-19 се хоспитализирани околу 4.500 пациенти, а во последните седум дена имало во просек по 455 приеми дневно.
– Денес, 88 отсто од новите приеми во болница, според податоците од Националната организација за јавно здравје, се однесуваат на пациенти со варијантата Омикрон. Речиси 80 проценти од пациентите се постари од 55 години. Бројот на наши сограѓани кои ги губиме секојдневно останува висок и просечно во изминатите седум дена имаме по 104 смртни случаи дневно, рече Папаевангелу.
Со вчерашните 17.662 новозаразени, Грција надмина два милиона регистрирани случаи на Ковид-19 од почетокот на пандемијата, а починаа вкупно 23.833 лица.