Според последните податоци, ситуацијата со коронавирусот во Србија не се смирува, тестирани се речиси 40.000 луѓе, секој втор е разболен, а се очекува бројот на заболени да продолжи да расте и во следните десет дена, јави дописникот на МИА од Белград.
Според последните податоци од Министерството за здравство, коронавирусот е потврден кај 17.851 лице, од 36.874 тестирани примероци. Починале 61 пациент. На респиратори се 166 пациенти.
Досега најголем број новозаразени во еден ден е забележан на 25 јануари, со вкупно 19.901 потврден случај на ковид-19.
Меѓу илјадниците новозаразени има пациенти од сите возрасни групи. Лекарите предупредуваат дека најзагрозени се највозрасните граѓани, бидејќи имаат и хронични заболувања.
Од друга страна, д-р Анета Јовановиќ, раководител на Педијатриската служба на Здравствениот дом Палилула, за РТС изјави дека поради омикрон дневно имаат и до 400 прегледи, а околу 90 отсто од децата кои се тестираат се позитивни.
-Имаме деца и од предучилишна и од училишна возраст, кои се најмногу, околу 40 до 60 отсто. За среќа, клиничката слика е лесна, се работи за симптоми на настинка. Децата се жалат на болки, гребење во грлото, запушен нос и температура, кашлаат, но за три до четири дена тие се подобро, изјави Јовановиќ.
Членот на Кризниот штаб Бранислав Тиодоровиќ оцени дека е неопходно целосно да се спроведат сите мерки за да може да се помине февруари, под услов да немаме грип.
Извор: МИА