Епидемиската состојба во Србија не се смирува. Денес, коронавирусот е повторно потврден кај повеќе од 19.000 луѓе. Во последните 24 часа се регистрирани 19.214 нови случаи на заразени, јави дописникот на МИА од Белград.
Повеќе од 19.000 новозаболени за еден ден во Србија се регистрирани на 25 јануари, кога имаше најголем број потврдени случаи на зараза од почеток на пандемијата или 19.901 случаи. Само еден ден подоцна се регистрирани 19.063 случаи на зараза. Денес 19.214 заразени.
Расте и бројот на починати. Уште 58 лица во изминатите 24 часа ја загубија борбата против Ковид. Од почетокот на епидемијата во Србија, како последица на инфекцијата починале 13.687 лица.
На болничко лекување се 3.848 лица, а на респиратори 148 пациенти.
Срвија во месец Јануари го заврши со скоро 400.000 заразени со коронавирус, а експертите проценуваат дека ќе има зголемување на бројот на заболени во следните 10 дена.
Во овој момент, како што предупредуваат лекарите, најзагрозени се највозрасните граѓани, бидејќи покрај хроничните заболувања, омикронот, делта или вирусот на грип дополнително им ја влошуваат здравствената состојба.
Епидемиологот Бранислав Тиодоровиќ за РТС изјави дека епидемиолошката состојба е сериозна, особено за постарите хронични пациенти, меѓу кои има и многу починати, а зголемени компликации има и кај децата.
Епидемиолозите сметаат дека пикот на овој бран на коронавирус се очекува кон средината на февруари. Само во Ниш во текот на денот има повеќе од 3.000 прегледи, меѓу кои секој ден се заразуваат по 800 лица.
Извор: МИА