Воените власти во Мали одлучија да го протераат францускиот амбасадор, што е најнова ескалација на тензиите меѓу Бамако и Париз, објави денеска државната телевизија на таа западноафриканска земја.
Во соопштението прочитано на телевизија се вели дека владата на Мали ја информира домашната и меѓународната јавност дека францускиот амбасадор во Бамако, Жоел Мајер бил повикан во Министерството за надворешни работи и меѓународна соработка, каде што бил информиран за владината одлука да ја напушти земјата во рок од 72 часа.
Властите ја оправдаа одлуката со неодамнешните „непријателски“ изјави на француски дипломат против нив. Одлуката претставува ново заострување на тензиите меѓу Мали и Франција, поранешна колонијална сила која е ангажирана во Мали и Сахел од 2013 година за да се бори против екстремистите.
Односите постојано се влошуваат откако полковници насилно ја презедоа власта во август 2020 година во земјата која е во длабока безбедносна и политичка криза од 2012 година.
Извор: МИА