Во Србија во последните 24 часа се откриени 15.352 нови случаи на коронавирус, врз основа на 31.521 тестирани примероци, а од заразата починале 59 лица. Во болниците низ Србија на респиратори се 147 пациенти, јави дописникот на МИА од Белград
Од почетокот на пандемијата, во Србија се регистрирани 1.662.446 случаи на коронавирус од 8.100.567 извршени тестови. Како резултат на инфекцијата, починале 13.570 луѓе. Стапката на смртност е 0,82 отсто, соопштија на веб-страницата covid19.rs.
Пред Ковид амбулантите со денови се турканици, а болничките капацитети се пополнуваат.
Директорката на Институтот за јавно здравје „Милан Јовановиќ Батут“, Верица Јовановиќ за РТС изјави дека се вакцинирани околу 3.240.000 лица, а 31,17 отсто добиле бустер доза.
-Апелирам до младите, до работоспособното активно население да ја примат третата доза, а со 1.800.000 примени трети дози се движиме кон постигнување на поголем опсег што ќе ни овозможи да спречиме компликации, тоа го можеме заедно, истакна Јовановиќ.
Директорката на Клиничкиот болнички центар „Бежанијска коса“ во Белград, д-р Марија Здравковиќ изјави дека сите места на интензивна нега се зафатени, што значи дека епидемијата на коронавирус е во пикот и дека бројот на заразени се зголемува.
По слободниот викенд, учениците денеска се во клупите. Училишниот тим одлучи наставата директно да ја следат учениците од прво до четврто одделение во основните училишта.
Учениците од петто до осмо одделение воспитно-образовната работа ќе ја следат по комбиниран модел и од ден за ден ќе одат на училиште поделени во две групи.
И за средношколците наставата ќе се одвива по комбиниран модел.
Извор: МИА