Грција од денеска ги олабавува дел од мерките за угостителските објекти воведени пред Нова година и дозволена е музика во нив, се укинува ограниченото работно време до полноќ, но и натаму ќе биде забрането стоење, јави дописничката на МИА од Атина.
Олабавувањето на мерките, минатата седмица го соопшти министерот за здравство на Грција Танос Плеврис, кој објасни дека одлуката доаѓа по препораката од надлежната комисија на епидемиолози, но и со оглед на тоа дека во изминатите седмици има намалување на бројот на новозаразени, иако здравствениот систем и натаму е под притисок, но „постои рамнотежа меѓу примањата и отпуштањата на пациенти“.
На 30 декември 2021 година беше воведено ограничено работно време до полноќ за угостителските објекти, забрана за музика, забрана за стоење и најмногу шест гости на маса, спортски натпревари се со публика до десет отсто од капацитетот или најмногу 1.000 лица.
За спортските натпревари, засега, нема промени и останува ограничениот број гледачи, а Плеврис рече дека оваа седмица, надлежната комисија ќе ја разгледа можноста за зголемувањето на исполнетоста на стадионите и во спортските сали.
Согласно министерската одлука објавена во Службен весник, нема промени во однос на употребата на маска, и понатаму е задолжителна и за затворените простори и на отворено, додека пак за јавниот превоз, супермаркетите како и за вработените во угостителските објекти задолжителна е двојна маска или маска со висока заштита КН95.
За влез во внатрешните делови на угостителските објекти потребен е валиден сертификат за вакцинација или потврда за прележана болест во траење од три месеци, а документ за Ковид-19 (сертификат за вакцинација, потврда за прележан Ковид или негативен тест) е неопходен и за влез во продавниците, банките, јавните служби, со исклучок на супермаркетите, аптеките, фурните и продавниците за храна.
Иако беше најавено дека од 1 февруари, вакцинираните кои не примиле бустер доза, а поминале седум месеци, ќе се сметаат за невакцинирани, сепак оваа одлука ќе стапи во сила следната седмица, на 7 февруари.
Пролонгирањето го соопшти министерот за здравство на Грција кој рече поради проблемите што минатата седмица ги предизвика снегот и беше во прекин процесот на имунизација, се продолжува за една седмица рокот за вакцинирање со бустер доза за оние кои се вакцинирале пред седум месеци, за да продолжи да им важи сертификатот за вакцинација.
-Ова значи дека оние наши сограѓани кои ја завршиле вакцинацијата и поминале седум месеци до 7 февруари, ќе треба да ја имаат примено бустер дозата,бидејќи во спротивно ќе се сметаат за невакцинирани, рече Плеврис во четвртокот.
Правилата и мерките во Грција, како што е веќе пракса, освен за Грците, важат и за туристите.
Извор: МИА