Силна зимска бура го погоди северниот дел на Европа за време на викендот, при што загинаа најмалку четири лица.
Бурата Малик денеска е проследена со силни налети на ветер, обилни врнежи од дожд и снег во Данска, Финска, Норвешка и Шведска.
Невремето доцна синоќа ги зафати нордиските земји и северниот дел на Германија откако предизвика голема материјална штета и колапс во сообраќајот во Велика Британија, особено во Шкотска, каде момче и 60-годишна жена загинаа вчера од паѓање на дрвја.
Во Данска силните ветрови со дожд доведоа вчера до времено затворање на неколку мостови, вклучително и клучниот патен и железнички мост Ересунд, кој ги поврзува Копенхаген и шведскиот град Малме.
Данските медиуми објавија дека 78-годишна жена починала како последица на тешки повреди по пад од силниот ветер.
Во Германија, локалните медиуми објавија дека еден човек загинал вчера откако врз него паднал билборд кој попуштил поради лошото време.
Поплавите во многу делови на Данска предизвикаа значителна материјална штета.
Јужните делови на Шведска се сериозно погодени од бурата, а илјадници домаќинства до попладневните часови останале без струја.
Пријавени се големи штети на куќи, автомобили и чамци во Норвешка, додека обилните снежни врнежи низ Финска предизвикаа сообраќајни несреќи и го прекинаа сообраќајот во некои делови од земјата.