Премиерот Димитар Ковачевски вечерва се обрати на свечената академија по повод националниот ден на Србите во Република Македонија.
На свеченоста на која присуствуваа министерот за надворешни работи на Република Србија Никола Селаковиќ, претседателката на Република Српска Жељка Цвијановиќ, претседателот на Демократската партија на Србите во Македонија и пратеник во Собранието на Македонија, господин Иван Стоиљковиќ, пратеникот во Собранието Мирослав Јовановиќ, министерот за внатрешни работи на Македонија, Оливер Спасовски, и претседателката на Националниот совет на Србите во Македонија и претседателка на организациониот одбор за одбележување на националниот ден на Србите во Република Северна Македонија, госпоѓа Гордана Јовиќ Стојковска, премиерот Ковачевски им го честиташе празникот Национален ден на Србите во нашата земја кој секогаш се слави на денот на една од најсветлите и најсветите личности во историјата на српскиот народ – Свети Сава.
„Најсрдечни честитки по повод празникот им упатувам и на нашите ценети гости од Република Србија и Република Српска и на граѓаните што тие ги претставуваат.
Свети Сава е втемелувач на самостојната српска православна црква и нејзин прв архиепископ. Тој е просветител, основач на училишта и болници, дипломат, пишувач на првите закони во државата српска. Свети Сава е посредник и помирител меѓу раскараните браќа и народи.
Неговите лик и дело инспирираат и осум века после неговата смрт.
Неговата саможртва да се откаже од земските блага и да го прифати православното христијанство како негов личен живот, направија Свети Сава да им припаѓа на сите Христијани, без разлика на тоа во кои државни граници живеат“, рече Ковачевски.