Делегацијата на Обединетите нации и сириските власти се договорија да ја продолжат истрагата за употребата на хемиско оружје во судирите во Сирија.
Во кусото соопштение на ОН се наведува дека разговорите оваа недела биле „детални и продуктивни“ и оти „довеле до договор да се оди понатаму“.
Во соопштението не се прецизира дали се работи за продолжување на преговорите или за почеток на истрага, односно за дозвола на инспекторите на ОН да им биде овозможен пристап во истрагата.
Делегација на Светската организација, во која беа високата претставничка за разоружување на генералниот секретар Анџела Кејн и шефот на групата инспектори Оке Селстром на 24 и 25 јули го посетија Дамаск, каде се состанаа со премиерот Ваил ал Халки, шефот на дипломатијата Валид Муалем и вицепремиерот Фејсал Микдадо.