По најавата за штрајк, Лекарска комора бара Фондот да ги повлече казните за матичните лекари

Од:

Во интерес на пациентите, Лекарската комора бара Фондот за здравствено осигурување да ги повлече казните за матичните лекари и да најде решение кое е прифатливо за сите договорни страни. Околу 1000 матични лекари од почетокот на месецов добија казни за пропишување лек по истечен извештај од специјалист, за што рекоа дека е „прелевање на чашата“ и почнаа да се организираат за штрајк.

„Лекарска комора неколку пати досега реагираше до Фондот за здравствено осигурување со барање за повлекување на казните и нивно ревидирање, како и промени на казнената регулатива на ФЗО. Потенцираме дека сега матичните лекари повеќе отколку било кога не се во состојба да ги поднесат овие трошоци. Порачуваме дека во интерес на пациентите, здравствените работници и здравствениот систем е Фондот сериозно да постапи по овие реакции и во најкусо време да обезбеди решение кое е прифатливо за сите страни, бидејќи едностраното носење одлуки, без комуникација на договорните страни само ќе ги продлабочи проблемите кои постојат“, велат од Лекарската комора.

Од таму остро реагираат на моментот во кој се изречени казните, среде најголемиот притисок што го имаат матичните од почетокот на пандемија.

„Лекарската комора на Република Северна Македонија остро реагира на наплатата на изречените казни за матичните лекари од страна на Фондот за здравствено осигурување, кое се случува во време во кое целиот здравствен систем, а особено докторите од примарното здравство се исцрпени од борбата со пандемијата предизвикана од Ковид 19. Напомнуваме дека реакцијата се однесува на казните кои се изречени за административни пропусти во работењето и не се поврзани со пропусти во лекувањето“, велат од Комората.

Од таму нагласуваат дека апсурдно е лекарите да се казнуваат за административни пропусти. Најголем дел од лекарите пропишале лек на пациенти по извештај од специјалист со истечен рок.

„Матичните доктори во местата каде што нема специјалисти по одредени специјалности, лековите за хронична терапија кои требале да бидат пропишани врз основа на претходна препорака, односно медицински извештај од одреден специјалист, ги препишувале врз основ на медицински извештаи од специјалисти кои согласно режимот на препишување на лекови немале право да ги препишуваат. Ова се правело со цел да излезат во пресрет на потребите на пациентите“, објаснуваат од Лекарската комора.

На докторот приоритет му е обезбедување на континуитет во лекувањето на пациентите, сметаат од Комората и велат дека здравствената регулатива треба да биде во функција на овој приоритет. Лекарите се исцрпени од зголемениот интензитет на работа, а постоењето на нивните ординации од финансиски аспект е засегнато и со други негативни ефекти од кризата, како што е набавката на медицинска заштитна опрема која во целиот период на пандемијата е на нивен трошок, како и значително повисоките сметки за електрична енергија кои ги добиваат поради енергетската криза.

Казните за матичните лекари се од 15.000 – 75.000 денари, а има и такви кои по жалбата добиле само опомена. Од Фондот објаснија дека тоа зависи од видот на пропустот што го направиле. Дел од матичните лекари веќе известија дека си ги подигнале и ги платиле, но останаа на ставот дека револтот треба да го изразат преку штрајк.

Би можело да ве интересира

Лекарската комора чека решение од Таравари со точно прецизирана одговорност, потоа ќе постапува за лекарска грешка

Катерина Ѓуровски

Лекарска комора објави листа на доктори со важечка лиценца за работа

Матичните лекари се жалат на казните за пречекорување на издадени лекови

Матичните лекари згрозени од убиството: Треба ли да се плашиме дека некој после работа може да не убие

Горан Наумовски

Лекарска Комора: Неопходно е докторите да се чуствуваат безбедно за да може да лекуваат

A1on

Младите лекари се жалат: Сите положивме, а само неколкумина повикаа на платена пракса

A1on