Во насока на продлабочување на билатералната соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија, денеска, во рамките на заедничката седница на двете влади во Софија, се одржаа и одделни состаноци на работните групи утврдени за време на официјалната посета на премиерот Петков на Скопје, информира владината прес-служба.
Работната група која ја опфаќа соработката во економијата, енергетиката, финансиите, иновациите и развојот, инвестициите и земјоделството ја договори идната динамика на работата, како и заедничката основа за размена на добри практики и искуства за интензивирање на директна соработка во овие области.
Втората работна група којашто ги вклучува областите транспорт и врски, инфраструктурата, локалната самоуправа и меѓуграничната соработка, како и соработката во областа на информатиката и комуникациите, се поставени определбите за работите на Коридорот 8, како и поврзувањето со другите патни правци долж границата на двете земји, се наведува во соопштението на владината прес-служба.
Оваа работна група за свој приоритет го постави воспоставувањето на авионска линија Софија-Скопје, како и заложбата колку што може побргу значително да се намали цената на роамингот меѓу двете земји.
За европските интеграции, зелените политики и доброто владеење во третата работна група се поставени основите за поддршка и соработка на европските интеграции на Република Северна Македонија, како и за заеднички иницијативи во проектите опфатени со стратегијата „Зелен договор“ на ЕУ.
Четвртата работна група која во фокусот ги има културата, образованието и науката, туризмот, и младите и спортот си постави за задача да бидат преземени чекори од двете страни за изготвување на сеопфатна програма за соработка во овие области.
Денеска состанок одржаа и копретседавачите на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања и го утврдија календарот и динамиката на средбите во 2022 година, се додава во соопштението на владината прес-служба.