Британскиот премиер Борис Џонсон денеска го предупреди рускиот претседател Владимир Путин дека инвазија на Украина би била „катастрофален чекор“.
Портпарол на премиерот истакна дека Велика Британија не планира да испрати борбени трупи во Украина за да и помогне да се одбрани од каква било руска агресија.
Руска инвазија на Украина би била, како што рече Џонсон, „болна, насилна и крвава работа“.
– Нема апсолутно никакви планови за испраќање британски борбени трупи во Украина, истакна британскиот премиер.
Велика Британија веќе испрати мал број пешадиски единици во Украина за да помогнат во обуката за одбранбено оружје.
Британската амбасада во Киев претходно соопшти дека дел од персоналот на амбасадата и членовите на семејствата на вработените почнале да се повлекуваат од Киев поради „зголемената закана од Русија“.
Во објава на Твитер се наведува дека британската амбасада во Киев останува отворена и дека ќе продолжи да ги врши најважните работи.
Извор: МИА