Ненад Периш, таткото на исчезнатиот Матеј, даде опширно интервју за сараевската телевизија „Фејс“.
„Се трудам да бидам рационален. Успевам во текот на денот, а потоа стануваш емотивен. Тоа е болка“, изјави Периш за сараевската телевизија.
На прашањето како се бори со толку многу информации, од кои многу се невистинити, тој рече:
„Веројатно некако создадов одбранбен механизам. Разговарам со српското МВР, апсолутно им верувам. Има и многу искрени новинари, професионалци и искрено им благодарам за се. Тие разбираат како му е на човек кога си го бара своето дете“.
„Како и во се, понекогаш луѓето не се промислени, па има дезинформации. Од тоа нема никаква корист. Верувајте, не обвинувам никого. Јас имам свој проблем и кон тоа сум насочен. Секој си има своја чест“, изјави Ненад Периш. .
Новинарот потоа го прашал за „дупките“ на снимките од надзорните камери, на што Ненад Периш одговорил дека двете „дупки“ се многу важни.
„Двете дупки се многу важни. Тоа е пред се излегувањето од клубот кое не е снимено и ќе остане во магла бидејќи не знам дали нешто се случило таму, а не верувам дека се случило“, рече Периш.
„Втората е можеби уште поважна, а тоа е снимката од Матеј како се спушта во просторот налик на тераса покрај реката Сава, кој е ограден простор долг околу 15 метри и широк околу десет метри. Од тука исто така немаме снимка за да видиме дали имало уште некој и дали Матеј ја преминал таа ограда, затоа што е накосена и може да се лизне и да падне“, вели таткото на исчезнатиот Хрват.
„Го прашав инспекторот дали е можно да се излезе на тоа место без да те снимаат камерите, бидејќи таму има камера и го добив одговорот: „Да“. Тоа се за мене две особено битни работи, а третата ми е сигналот од мобилниот телефон на Матеј кој е лоциран во близина на Воениот остров“, вели тој.
„Знам дека полицијата побарала од корејскиот производител да им ги достави сите информации. Од излезот на Матеј од барот до тој сигнал беа потребни околу три часа, а тој мобилен телефон може да даде сигнал само ако е на површината, тоа му е многу важен податок“, изјави Ненад Периш.