Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ доцна вечерва според информации на А1он ќе одлучува за коалицијата на локално ниво во Струга со градоначалникот од редовите на ДПА, Зијадин Села. По тримесечни неуспешни обиди да се најде заеднички јазик и работата на градскиот совет да биде откочена, работите во свои раце ги зема раковдството на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје.
Она што е повеќе од сигурно како што велат партиски извори за А1он е дека договор ќе биде постигнат, но оти местото претседавач со Советот на општината ќе остане во рацете на ДПА, иако струшките вмровци не отстапуваа никако Македонец да раководи со градскиот совет.
Коалицијата „Заедно за Струга“ на ВМРО- ДПМНЕ и СДСМ и понатаму функционира, и како што велат извори за А1он од двете партии преставници на ВМРО- ДПМНЕ преговараат во името на целата коалиција и оти новите раководни места кои ќе ги добијат ќе бидат поделени 50-50 помеѓу двете партии.
Дека коалицијата на терен веќе почна да функционира говори и податокот дека на местото на досегашниот заменик директор во гимназијата „Ибраим Темо“ член на ВМРО- ДПМНЕ сега е назначен член на СДСМ. Се шпекулира и со промена на директорите на средното училиште „Нико Нестор“, каде директор е кадар на ВМРО- ДПМНЕ, во основното училиште Јосип Броз Тито, како и на директорите на училиштата во селата Дрслајца и Јабланица.
Македонскиот блок партии ако се реализира коалицијата со Села ќе добијат директорски места во неколку основни училишта во општината, командир во Пожарната во Струга, раководител на Колекторот,како и две ракводни места на сектори во локалната самоуправа. Помеѓу струшките вмровци постои незадоволство од начинот на водење на преговори со Села, бидејки велат дека преговорите ги прават само неколку луѓе без знаење на поширокото членство.
Мики Трајковски