Коронавирусот влегува во ендемска фаза, вакцинацијата во иднина ќе биде неопходна само кај ризичните и ранливите, а паралелната појава на грип и ковид нема да биде застрашувачка појава.
Ова се предвидувањата на големата анализа во која се вклучени експерти објавена од Џејмс Галагер, новинар на Би-Би-Си кој се занимава со здравје и наука.
Се повеќе се верува дека Велика Британија се движи кон крај на пандемијата. Но, вирусот нема магично да исчезне. Наместо тоа, ќе треба да се навикнеме на новиот збор – „ендемичен“, што всушност значи дека ковид дефинитивно останува со нас.
„Малку ни недостига, ова е сега почеток на крајот, барем во Обединетото Кралство“, вели професорот Џулијан Хискокс, раководител на Одделот за заразни болести и глобално здравје на Универзитетот во Ливерпул.
„Мислам дека нашите животи ќе се вратат речиси целосно на она што беа пред пандемијата во 2022 година“.
Она што се менува е нашиот имунитет. Новиот корона вирус се појави пред две години во кинескиот град Вухан, а ние тогаш бевме ранливи. Тоа беше сосема нов вирус со кој нашиот имунолошки систем немаше контакт и немавме вакцини или лекови кои ќе помогнат во борбата против него.
Резултатот беше како некој да активирал фрлач на пламен во фабрика за огномет. Ковид експлозивно се рашири низ светот, но пожарот што тој го предизвика не може вечно да гори со ист интензитет.
Од почетокот имаше две опции – или ќе го задушиме ковидот, како што беше случајот со еболата во Западна Африка, или вирусот сам ќе се смири, но и ќе остане со нас долго време и ќе се придружи на цела низа ендемични инфекции – од настинка до ХИВ, сипаници и маларија до туберкулоза – кои се секогаш присутни.
За многумина, оваа втора опција – со оглед на тоа дека се работи за вирус кој се шири низ воздухот, дури и пред да се појават симптомите кај заразените луѓе – беше неизбежна од самиот почеток.
„Ендемичноста е впишана и во овој вирус“, рече д-р Елисабета Гропели, виролог од Универзитетот Сент Џорџ во Лондон.
„Јас сум голем оптимист, наскоро ќе дојдеме во ситуација вирусот да циркулира, ќе се грижиме за заштита на најзагрозените, додека за сите други што ќе се заразат ќе го прифатиме тоа, бидејќи просечниот човек ќе закрепне“ вели д-р Гропели.
Епидемиолозите, кои го проучуваат ширењето на болеста, обично сметаат дека инфекцијата е ендемична кога нејзиното ширење е доследно и предвидливо, кога нема ненадејни експлозии на „случаи“ какви што видовме во различни бранови на оваа пандемија.
Професорката Азра Гани, епидемиолог на Империјалниот колеџ во Лондон, вели дека терминот „ендемичен“ значи живеење со ковид, но без ограничувања. Таа мисли дека ќе стигнеме таму „многу наскоро“. „Се чини дека помина многу време до оваа фаза, но помина само една година од почетокот на вакцинацијата и веќе сме послободни од порано поради тоа“, рече Гани.
Единствено што може да го наруши ваквиот развој на ситуацијата е појавата на нова варијанта на коронавирусот која би можела да ја преземе доминацијата на омикронот и со тоа да предизвика значително потешка клиничка слика.