Финска не планира да влезе во НАТО, изјави денеска министерот за надворешни работи на таа земја Пека Хависто.
Тој зборуваше во услови на зголемени безбедносни тензии меѓу нејзините соседи Русија и Украина.
„Финска не разговара за влез во НАТО и нема таков план во иднина… Безбедносната политика на Финска останува непроменета“, изјави Хависто за новинарите по состанокот на министрите за надворешни работи на Европската унија во Франција, објави Ројтерс.
Коментирајќи го предупредувањето на полскиот министер за надворешни работи дека Европа е поблиску до војна отколку што беше во последните 30 години, Хависто рече дека го разбира притисокот под кој се наоѓаат Украина и Полска поради акумулираните безбедносни тензии на нивните граници.
Интересот на Финска и Шведска за членство во НАТО беше тема на меѓународна дебата оваа недела додека руските и американските претставници разговараа за безбедносната политика во Женева.