Бизнисменот Орце Камчев го заврши лекувањето во „Систина“ каде ја дочека Новата година, а за Божиќ ќе биде дома, бидејќи вечерва е ослободен од затворот „Скопје“ во Шутка. Тој утрово е пуштен од болница, а пред малку и од затворот „Скопје“ во Шутка. Иако одлуката за негово ослободување со гаранција е донесена вчера, документот за пуштање од притвор стигнал попладнево по запишувањето на хипотеката на имотот која заедно со готовинските средства изнесува 11 милиони евра. Сега, тој ќе се брани од слобода. Во затворот во Шутка, помина десетина месеци.
Камчев беше уапсен и спроведен во Кривичен суд во март минатата година. Прво, полицијата го спроведе во станица, а потоа, беше донесен пред судија на претходна постапка. Обвинителката Лиле Стефанова беше децидна дека Камчев спрема бегство за да се спаси од кривичен прогон за предметот „Плацови на Водно“ каде е обвинет. Тогаш, обвинителката Вилма Русковска кажа дека информацијата за бегство дошло од тајната полиција на АНБ. Откако му беше одреден притворот, Камчев за „А1он“ негираше дека планирал бегство и рече: „Ма какво бегање бе…“.
Во текот на десетте месеци поминати во притвор, Камчев обвинуваше дека врз него била вршена тортура во затворот. Директорот на затворот, Филип Андов, го негираше тоа. Тогаш, тој посочи дека Камчев е максимално заштитен. Тортура, не констатираше ниту Народниот правобранител. Одбраната на Камчев поднесе и кривични пријави против судиите кои му го одредија притворот, но нема информација дали се процесуирани. Додека беше во затворот се жалеше и на здравствени проблеми, како и дека не му биле овозможени прегледи. Овие наводи беа демантирани.
Притворот на Камчев беше продолжуван на секои 30 дена, бидејќи судиите беа децидни дека може да избега.