Националната установа Народен театар-Битола минатата 2021 година непречено за себе може да ја нарече „Златна година“ затоа што одамна не се случило во една година да бидат освоени и поставени толку многу одличја во витрините на театарот.
Како што е познато во 2021 година ансамблот на НУ Народен театар-Битола подготви и изведе осум театарски премиери кои на сцените во градот, државата и во странство освоија 10 награди, а актерите Борис Чоревски и Петар Мирчевски добија посебни признанија, награда за животно дело.
Најнаградувана е претставата „И коњите ги убиваат, зар не?“, работена според романот на Хорас Мек Кој, во режија на Мартин Кочовски. Оваа претстава на Интернационалниот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп доби награда за уметничко остварување во целост, награда за режија и награда за музика во претставата. Но, оваа претстава на меѓународниот фестивал „Јоакимфест“ што се одржа во српскиот град Крагуевац доби и Гран-при за најдобра претстава во целина.
Театарската претстава „Бакхи-краток преглед на распадот“ работена по текст на Бакхи од Еврипид во режија на Игор Вук Торбица, во текот на минатата година доби три признанија, и сите на Интернационалниот фестивал „Стоби“. Со одлука на фестивалското жири, битолчани беа наградени со Гран-при, потоа награда за најдобра режија и награда за најдобра женска улога која и припадна на Викторија Степановска Јанкуловска.
Битолските актери со успех настапија и на Интернационалниот театарски фестивал „Отело“ во Гостивар каде со претставата „Луди за љубов“ од Сем Шепард во режија на Јован Ристовски ја добија награда за најдобра претстава на фестивалот.
Во година на пандемија и секојдевно внимавање на ковид мерките, како за ресурсниот потенцијал на театарот, така и за публиката, Битолскиот театар подготви и ги промовира претставите „Ноќта кога ја убив месечината“ од Лорен ван Велтер, во режија на Марјан Ѓорѓиевски, „Молитва по Достоевски“ музички перформанс по идеја на Валентин Светозарев, „History od motherfuckers“, по Коориолан од Вилијам Шекспир во режија на Андраш Урбан, „Сомнително лице“ од Бранислав Нушиќ, во режија на Деан Дамјановски, како и претставата „Патувачки театар Шопаловиќ“ од Љубомир Симовиќ, во режија на Љупчо Ѓоргиевски.
Ансамблот на НУ Народен театар-Битола гостуваше на ИФКТ „Ристо Шишков“ во Струмица, на „Охридско лето“, фестивалот МОТ во Скопје, фестивалот „Интерфест“ во Битола, Шекспир фестивалот во Чортановци во Србија и Desire Central station Festival во Суботица.
Посебен печат на годината што измина, и како што велат од НУ Народен театар-Битола, со големо задоволство ги поздравија успесите на доајените на Битолскиот театар, актерите Борис Чоревски и Петар Мирчевски кои беа ги добија одличјата, награда за животно дело.
Наградата на Чоревски му ја додели МТФ „Војдан Чернодрински“ на 55. издание на Фестивалот што традиционално се одржува во Прилеп, додека пак Мирчевски беше награден на празникот на градот 4. Ноември, денот на ослободувањето на Битола.