Центарот за светска класа универзитети при Шангајскиот Џиао Тонг Универзитет, водечката светска институција за рангирање на високообразовни установи, до крајот на годинава ќе спроведе рангирање на македонските универзитети и високообразовни установи согласно Берлинските принципи за постигнувањата во текот на академската 2011/12 година.
Со рангирањето ќе бидат опфатени петте јавни универзитети со сите единици во состав и 15 приватни високообразовни установи.
Џиао Тонг Универзитетот, кој го спроведе и првото рангирање на македонските универзитети во 2011 година, е избран за најдобар понудувач на отворената постапка за ангажирање консултнтска куќа за рангирање на сите универзитети и високообразовни установи во Македонија, распишана од Министерството за образование и наука.
– Рангирањето ја стимулира конкуренцијата меѓу високообразовните установи, дава значајни информации поврзани со статусот на високообразовната установа кои се корисни за стопанството, работодавачите, студентите и нивните родители, како и за сите други заинтересирани субјекти. Критериумите кои се развиени за потребите на домашното мултидимензионално рангирање ќе ги опфатат пред се аспектите за квалитет и ефикасност на наставата и предавањата, истражувањата, и социјалните услови, рече министерот за образование и наука Спиро Ристовски на денешната прес-конференција.
Тој посочи дека методологијата во годинашното рангирање содржи 21 индикатор за квалитет за разлика од претходното рангирање кое имаше 19.
– Дополнета е со два исклучително значајни индикатора – број на наставен, односно соработнички кадар со најмалку едногодишен работен престој во странство и број на студенти со најмалку тримесечен престој во странство по основ на програми за студентска размена. Предност дава на научно-истражувачката работа, односно бројот на објавени научни трудови во списанија, остваренит еприходи од истражувања, како и вложувањето во истражувања и истражувачките капацитети на научно-наставниот кадар и студентите, рече Ристовски.
Вклучува, додаде, и индикатори кои се однесуваат на бројот на запишани студенти соред успехот од државната матура, вработеноста на дипломираните студенти во рангираната академска година, расположивиот наставен кадар со повисоки академски звања, приходите на високообразовната установа и вложувањето во опрема и литература.
Министерот за образование и наука очекува првите резултати од најновото рангирање да бидат готови кон крајот на ноември или на почетокот на декември годинава кога ќе може да се прават споредби со резултатите од рангирањето во 2011 година. За спореведувањето на првата фаза од рангирањето Министерстовото за образование и наука одвои 10.000 евра, неопходни за креирање на критериумите, а конечната цена на чинење ќе се знае откако ќе бидат утврдени дополнителните активности.
Согласно Законот за високо образование, во Македонија на секои две години задолжително се спроведува рангирање на сите универзитети и високообразовни установи во состав на универзитетите кои се запишани во регистарот на високообразовни установи.
Македонија е единствената земја во регионот и пошироко во која се спроведува рангирање од страна на Шангајскиот Џиао Тонг Универзитет.