Бојан Јовановски-Боки 13 прифати видео-интервју со полиграфско тестирање за да докаже дека ја зборува вистината за случајот „Рекет“ и останатите обвинувања кои ги упати кон политичари, обвинители, јавни личности. „А1он“ е подготвен да плати и обезбеди полиграф со тим од странство, кој ќе детектира што е вистина, а што лага од одговорите. Понудата до Јовановски беше упатена преку неговите адвокати. Тој се согласи јавно и во живо да одговара на прашања, ставен на полиграф. Јовановски тврди дека нема што да крие, дека е спремен да докаже дека ја говори вистината. Ова доаѓа откако веќе еднаш е одбиено интервју на Јовановски за „А1он“, поради безбедносни причини, без образложение.
„А1он“ испрати барање до Управата за извршување санкции, која согласно законот, одлучува дали ќе дозволи или ќе го одбие барањето. Во Законот за извршување санкции стои дека директорот на Управата, Марјан Спасовски, ќе овозможи посета на претставници на средствата за јавно информирање. Во него, има само еден член според кој може да се одбие барањето, а тоа се безбедносни причини.
Досега, без објаснување и правна поткрепа, директорот Спасовски го искористи овој член за да го одбие првото барање на „А1он“ за видео-интервју. И покрај нашето инсистирање да се укаже кои се безбедносните причини, како и чија безбедност е загрозена, наша или на Бојан Јовановски, од Управата за извршување санкции не добивме одговор. Единствено што беше посочено е дека на Јовановски му се суди во предметот за „Меѓународен сојуз“ и може да влијае.
Но ова, не може да биде безбедносна причина, особено, ако се има во предвид дека за ова одлучува Кривичниот суд преку одредување на мерки на претпазливост. Судијката Софче Гаврилова-Ефремова за „А1он“ посочи дека но неа не е доставено барање од Управата за извршување санкции поврзано со Јовановски.
Дека е одбиено барањето, беше известен и министерот за правда, Бојан Маричиќ. Но од него нема одговор дали му било укажано кои се безбедносните причини. Маричиќ скоро десет дена не кажува ниту кој прави проценка дали осудено лице може да влијае на судски процес, односно предмет кој не е во предистражна или истражна постапка. Нема објаснување ниту дали вообичаено тој е известуван за сите одбиени барања за интервјуа со затвореници.
Сашко Дуковски, адвокат на Јовановски, смета дека незаконски е одбиено првото барање. Прашан како гледа на одлуката да се искористи единствениот член во Законот за извршување санкции за да не се дозволи Јовановски да даде свое излагање пред „А1он“, притоа без никакво образложение, Дуковски вели: „Како на татко му имањето (имотот) да е на тој Маријан, како би гледал? Не може тој да измислува незаконски безбедносни причини. Малку барем покреативен да бил“.
Во изминатите две недели, Јовановски по одбиеното барање имаше две отворени писма до јавноста. Првото беше до обвинителката Вилма Русковска во кое посочи дека ја лаже јавноста за случајот „Рекет“ и обвинуваше дека намерно ги крие пораките од неговиот телефон кој е одземен, за да сокрие криминал. Второто писмо е посветено на премиерот Зоран Заев, за кого обвини дека рекетирал бизнисмени, соработувал со Сашо Мијалков, но и дека му се заканувал со ликвидација во затвор. Јовановски, често и за време на судењата за „Меѓународен сојуз“ обвинуваше дека е цензуриран.