Антикорупциската комисија ја оцени како „сериозен обид за политизирање“ на нејзината работа изјавата на претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, во однос на Иницијативата на ДКСК за кривично гонење на Хусни Исмаили од оваа партија, поради злоупотреба на службената положба и овластување за време додека бил мнинистер за култура.
Државната комисија за спречување на корупцијата ја покрена Иницијативата до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, а лидерот на Алтернатива, Гаши, завчера изјави дека се работи за „многу индикативна иницијатива започната од политички структури, целосно политизирана“, дека таа е „тенденциозна“ и дека „постојат зли сили“ зад Иницијативата на ДКСК.
ДКСК денеска во реакција до медиумите посочува дека тоа се „наводи и инсинуации на Африм Гаши“ и укажува дека во своето постапување „единствено и исклучиво се раководи од надлежностите утврдени во Законот за спречување корупција и судир на интереси“.
– Каков било обид за ставање на работата и одлучувањето на ДКСК во дневнополитички интереси и изјави може само да штети на напорите за спречување и борба против корупцијата во целина. Со ваквите изјави не само што се прави обид да се наштети и дискредитира работењето на ДКСК, туку се прави обид и за влијание врз другите органи и институции што треба понатаму да ги проследат нејзините иницијативи и препораки, што е спротивно и на укажувањата на последните извештаи за напредокот од страна на Европската комисија во однос на ДКСК, како и неодамнешните заклучоци од Советот за општи работи на ЕУ дека треба да се почитуваат препораките од Државната комисија за спречување на корупцијата, соопшти Антикорупциската комисија.
Во соопштението со кое реагира на изјавата на Гаши, ДКСК информира дека за конкретниот случај и одлуката да ја покрене Иницијативата постапила врз основа на барање од Министерството за култура, од јули 2021 година, а во врска со Заклучок на 71-та седница на Владата од 18 мај 2021 што се однесува на точка 78 за Информација за утврдена фактичка сосотојба од извршен преглед и контрола на проекти избрани на Годишните конкурси за финансирање на проекти од национален интерес од областа на фолклорот, музичката и музичко-сценската дејност и интердисциплинарните проекти за 2020 година.