Заев по четири и пол години замина од премиерската функција

Од:

Зоран Заев по четири и пол години на чело на Владата замина од премиерската функција. Собранието денеска ја констираше неговата оставка, која тој ја оцени како логичен чекор што произлегува од исходот на локалните избори и како израз на преземената одговорност за изборните резултати.

Заев, кој неодамна го напушти и лидерското место во владејачката СДСМ, на чие чело беше од 2013 година, функцијата претседател на Владата ја извршуваше од 31 мај 2017 година, а втор премиерски мандат освои на изборите на 15 јули минатата година.

Во неговиот премиерски мандат Северна Македонија стана полноправна членка на НАТО, но не успеа да ги почне преговорите за пристапување во ЕУ поради блокадата од Бугарија. Заев го потпиша Договорот за стратешко партнерство, пријателство и добрососедство со Бугарија во август 2017, а во јуни 2018 година неговата Влада го потпиша Договорот од Преспа со Грција за решавање на долгогодишниот спор за името. Заев, заедно со поранешниот грчки премиерот Алексис Ципрас, е добитник на наградите Евалд Фон Клеист, Меѓународниот мир на Вестфалија за 2020 година, Хесијанската награда за мир 2020 и Наградата за развој на Европа за најдобра практика во промовирање на соработка, единство, вклучување разновидност и позитивно размислување. Двајцата лидери беа номинирани и за Нобеловата награда за мир во 2019 година. Неодамна, премиерот Заев ја доби наградата за човекови права за 2020 година на Фондацијата Фридрих Еберт (ФЕС) во Берлин.

Од 2003 до 2005 година, Зоран Заев беше член на македонскиот Парламент, по што се кандидираше за градоначалник на Струмица, позиција што ја извршуваше три последователни мандати, од 2005 до 2016 година. Во 2008 и 2009 година градот ја освои највисоката национална награда за животна средина, додека како градоначалник, Заев ја доби наградата за најдобра практика од Советот на Европа за првото јавно приватно партнерство во земјата.
Тој беше избран за лидер на владејачкиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) од 2013 година, откако беше заменик-претседател на партијата помеѓу 2006 и 2008 година. Заев е член на СДСМ од 1996 година.

Во 2015 година, тој ја започна кампањата „Вистината за Македонија“, во која беа објавени серија телефонски разговори и други материјали во кои се инкриминараше за корупција и криминал на владата на тогашниот премиер Никола Груевски.

По парламентарните избори во декември 2016 година, земјата западна во политичка криза откако тогашниот претседател на државата Ѓорге Иванов одбиваше да му го додели на Заев мандатот за составување на новата Влада предводена од СДСМ. Случувањата кулминираа на 27 април 2017, по изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието, кога во законодавниот дом упаднаа стотици симпатизери на тогашната власт во заминување, при што беа предизвикани насилства во кои беше повреден и Заев, кој имаше раскрвавена глава.

Зоран Заев е економист и магистер по монетарна економија.

Неговото место во СДСМ по неодамнешните внатрепартиски избори го презеде Димитар Ковачевски, кој се очекува да го наследи и на премиерската функција.

Би можело да ве интересира

ВМРО-ДПМНЕ: Лицемерие е кога партијата на Заев кој зборуваше за еден народ во две држави и Пендаровски кој праќаше поздрави на “љубави”, да глуми загриженост

Кулеба поднесе оставка

Горан Наумовски

СДСМ: Докажете или престанете да лажете за Филипче

Предраг Петровиќ

Заев и Ципрас загрижени за порастот на националистичкиот популизам, ќе работат на зачувување на Преспанскиот договор

A1on

Мемов за А1он: Во ЗНАМ не се водиме од тоа кој ќе биде пратеник, личните незадоволства се приватна работа

По претседателката Новак, оставка поднесе и унгарска пратеничка

А1он