„Сценариото“ е насловен краткометражниот игран филм кој почна да се снима денеска по сценарио и режија на Александра Кардалевска, во продукција на Лајт продакшн во соработка со Круг филм од Скопје, Алка филмс, Кубе студиос од Албанија и Иконе студио од Косово.
-„Сценариото” раскажува фантастична приказна за неколку познати ликови од литературата
кои излегле од своите оригинални дела со цел да се сретнат во фантастичната приказна на
сценариото обидувајќи се да излезат од него, соопшти продукцијата.
Главните улоги ги толкуваат Драгана Костадиновска, Огнен Дранговски, Атанас Атанасовски,
Игор Ангелов, Симеон Дамевски и Ана Стојановска.
Продуценти на филмот се Александар Крстевски и Дејан Крајчевски, директор на фотографија е Душан Кардалевски, сценограф Влатко Чачоровски, костимограф Маја Ѓуреска, шминкер Снежана Ангеловска и снимател на тон Дарко Спасовски.
Проектот е финансиран од Агенцијата за филм на РСМ. Филмот до утре, 24 декември, ќе се снима на локации во Скопје.