Европската комисија денеска покрена нова кривична постапка против Полска поради нејзиниот правосуден систем. Конкретната причина се одлуки на полскиот Уставен суд, со кои се оспорува приматот на европското право над националното право.
– Сметаме дека овие пресуди ги прекршија општите принципи на автономија, надмоќ, ефикасност и еднаква примена на правото на Унијата, како и обврзувачките пресуди на Судот на правдата, истакна на прес-конференција еврокомесарот за економија, Паоло Џентилони.
Тој додаде дека „Уставниот суд (на Полска) повеќе не ги исполнува условите за независен и непристрасен суд, основан со закон, како што се бара од Договорот за ЕУ“.
Европската комисија испрати писмо до полската Влада, која има рок од два месеца да одговори. Кривичната постапка може да доведе до упатување до Судот на правдата и евентуално финансиски санкции.
Брисел веќе неколку години е во спор со националистичката конзервативна влада во Варшава околу судските реформи, обвинувајќи ја дека ја поткопува независноста на судството. Полска е неколку пати осудена од Европскиот суд на правдата.
– ЕУ покренува постапка и сака да го потчини Уставниот суд на Полска на европското право, реагираше на Твитер полскиот заменик министер за правда Себастијан Калета.
Потегот на Европската комисија тој го нарече „напад врз полскиот Устав и нашиот суверенитет“.