Американскиот државен секретар Ентони Блинкен изјави дека нема планови за лична средба меѓу американскиот и рускиот претседател Џо Бајден и Владимир Путин, во услови на зголемени тензии по распоредувањето руски војници на границата со Украина.
– Мислам дека треба да видиме дали, пред се, има некаков дипломатски напредок. Сакаме да видиме и прекин на воените операции на Русија, да ги премести силите од границата со Украина, да ги намалиме тензиите, рече Блинкен.
Путин вчера го обвини Западот за ескалацијата на тензиите во Европа. На седницата на одборот на Министерството за одбрана во проширен состав, Путин изјави дека Русија е подготвена да преземе воено-технички мерки доколку НАТО се приближи до нејзините граници.
Тој додаде дека се надева на конструктивни разговори со Вашингтон и Брисел за барањето на Москва за безбедносни гаранции, бидејќи, како што оцени, има знаци дека Западот е подготвен да работи на тоа прашање.