Северна Кореја ги забрани кожените палта кои го копираат стилот на лидерот Ким Џонг Ун, јавува Радио Слободна Азија.
Ким го популаризираше коженото палто во 2019 година, а на почетокот слични модни парчиња носеа само богатите граѓани кои имаа пари да ги купат.
Набрзо почна да се увезува и вештачка кожа, па палтото стана подостапно за оние со поплиток џеб.
„Кога овие кожени палта станаа популарни, полицијата тргна против компании кои правеа копии кои се многу слични на оние на севернокорејскиот лидер“, рекол анонимен извор, а пренесува порталот Хил.
На воената парада во јануари, речиси сите државни функционери носеа кожени палта и јакни, што дополнително ја популаризираше кожата како материјал.
После тоа полицијата почнала да ги одзема кожните палта и јакни на пазарите, но и на лицата кои ги носеле.
„Полицијата рече дека носењето облека што е дизајнирана да изгледа како онаа што ја носи лидерот е тренд што го оспорува неговиот авторитет. „Тие ѝ наредија на јавноста да не носи кожени палта, бидејќи во надлежност на партијата е да одлучи кој може да ги носи“, цитира Хил анонимен извор.
Коженото палто го носеше и Ким Јо Јонг, сестрата на Ким Џонг Ун, за која се шпекулира дека е негов наследник, па коженото палто стана симбол на моќните жени.