Кремљ денеска „категорично“ ја отфрли одлуката на германскиот суд, кој осуди Русин на доживотен затвор за убиство на чеченски опозиционер во Берлин, со сомнеж дека убиството е извршено по наредба на Москва.
– Ние категорично ги отфрламе тие заклучоци, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Судот во Берлин вчера го осуди рускиот државјанин Владимир Красиков на доживотен затвор за убиството на Зелимхан Хангошвили, грузиски државјанин од чеченска националност, во 2019 година во главниот град на Германија. Судиите го прифатија тврдењето на обвинителството дека убиството било нарачано од руски државни агенции и го опишаа како „државен тероризам“. По одлуката на Судот, Германија протера двајца руски дипломати.
– Тоа е дел од непријатните епизоди во нашите билатерални односи, но сметаме дека тоа на никаков начин не треба да влијае на перспективата за воспоставување дијалог меѓу претседателот (Владимир) Путин и новиот германски канцелар Олаф Шолц, рече Песков.
Руското Министерство за надворешни работи исто така ја осуди „неоснованата“ одлука, оценувајќи дека е „целосно неповрзана со реалноста“.
„Берлин не треба да се сомнева дека руската страна ќе преземе соодветни мерки“, се вели во соопштението на Министерството.