Во салата „Бели Мугри“, во Велес, вчеравечер Епархијата Повардарска го промовираше документарниот филм насловен „Печат на едно време“.
Во него е претставена централната позиција во црковниот живот и поредок, односно животот на еден архијереј, кој во овој случај е претставен низ призмата на животот на Повардарскиот Митрополит Агатангел. Филмот содржи биографски осврт, со посебен акцент на дејноста на Митрополитот Агатангел во овие последни 16 години, откако тој повторно го возглави тронот на Повардарската епархија.
Филмот се снимаше неколку месеци како авторски проект на Никола Цилаков, вработен во издавачката дејност „Св. Ѓорѓи Полошки“ на Епархијата Повардарска и во информативната служба на Повардарската епархија.
Тој како автор на филмот синоќа се обрати до присутните во салата „Бели Мугри“ на промоцијата на документарецот, потенцира дека во овие 16 години во кои е дел од црковната хиерархија на Повардарската епархија, оваа епархија на МПЦ-ОА доживеа една вистинска духовна ренесанса, во сите сегменти од нејзиното црковно живеење.
– Повардарската епархија, оваа епархија на МПЦ-ОА доживеа една вистинска духовна ренесанса, во сите сегменти од нејзиното црковно живеење. Црковното градителство, преку изградба на нови и реставрација на старите духовни светилишта, црковната просветна и издавачка дејност, литургискиот живот, црковната организација и хиерархија се токму тие сегменти кои видоа едно ново светло на денот. И сето ова се случи токму во едно време за кое јас сакав преку овој документарен филм во прво лице да го дадам ова сведоштво, исто како што и сите вие кои сте вечерва присутни и сте исто така сведоци, односно чинители на ова прекрасно време за Повардарската епархија, кое верувам ќе биде добар аманет за сите идни генерации Македонци, клирици и мирјани, потенцира Цилаков.
Тој појасни дека сето ова се постигна благодарение на една неверојатна ревност, заслуга, неуморност, одлучност, истрајност и би рекол храброст на еден човек-Митрополитот Агатангел. Потенцира и дека токму со овие негови карактерни црти тој успеал да го извади на површина најдоброто и од себе и од секој свој соработник на црковната почва.
Додаде дека вака понуден формат на нечија биографија, односно преку филмско визуелизирање е нов концепт во рамки на Црквата, барем во овие наши простори. Воедно се надева дека ќе и се допадне на публиката и на јавноста и дека ќе биде поттик и за идните генерации, за тоа како треба да се чува Црквата на Македонскиот народ – ОА.
– Со овој филм, сакав да постигнам уште една цел. Живееме во време кога Црквата сè уште е на некој начин е стигматизирана од дел од општеството, редовен дежурен виновник за дефокусирање од други општествени проблеми. Ние честопати, кои сме во неа, сме погодени од разни стереотипни коментари на кои често решаваме да си премолчиме и христијански да ја издржиме изнесената соблазна. Но, сепак, драги мои, тоа повредува. Овој филм меѓу другото ја има и таа цел, да ја покаже онаа работна атмосфера во Црквата, она секојдневно дишење на Црквата, кое многумина не го гледаат или не сакаат да го видат, а судејќи по досега добиените филмски критики од еминентни ликови од филмската област, верувам дека и оваа цел ќе биде постигната., порача Цилаков.
Инаку покрај Никола Цилаков, на филмот работеше и одбрана велешка екипа, режисерката Елеонора Теова, која помогнала во осмислувањето на целиот концепт, потоа снимателите Милорад Каначковиќ и Дарко Спасовски, кои извонредно ги доловија кадрите во филмот, Дарко Спасовски, кој направи одлична монтажа на целокупниот материјал.
На крајот Александар Најдов, кој ја направи одлична музиката за филмот и во целост ја облагороди приказната.