Невладината организација „ЕХО“, која е дел од мрежата на невладини организации чија цел е обезбедување правна помош за жртвите на семејното насилство , бележи значителен пораст на овој тип насилство во Штип.
Само во првите шест месеци од 2013 година до „ЕХО“ се поднесени 60 нови пријави за семејно насилство, што покажува пораст од речиси 10 % однос на истиот период во 2012 година, кога за цела година беа пријавени вкупно 112 случаи. Најмладата жртва што пријавила семејно насилство до невладината „ЕХО“ има само 17 години.
„Во 96% од пријавените случаи станува збор за семејно насилство врз жени. Најчесто станува збор за физичко насилство, кое неминовно оди во комбинација со психичкото насилство, а има пријавено и неколку случаи на сексуално насилство и на силување“, вели Бети Пеева, претставник на „ЕХО“.
До „ЕХО“ се поднесени и незначителен број пријави за семејно насилство врз мажи, кои најчесто се жалат на психичко насилство од страна на своите сопруги.
Статистиката говори дека во источна Македонија се регистрирани најголем број случаи на семејно насилство. Според Пеева, ова не мора да значи дека семејното насилство е најмногу распространето во овој регион, туку можеби е показател за поголем степен на свесност на жртвите за она што им се случува.
Од невладината организација сметаат дека во иднина заштитата на жртвите од семејното насилство во Македонија би треба да биде конципирана врз препораките на меѓународните организации, односно да се формираат интервентни центри за згрижување во кои жртвите би престојувале првите 48 часа по пријавувањето на случајот, по што би се презеле сите правни мерки со кои би се обезбедила понатамошната нивна заштита.
М.Р.