Финалето на 23-тиот Таксират – најголемиот зимски урбан музички фестивал во Југоисточна Европа, ќе се одржи утревечер во Скопје со вкупно 14 настапи на три бини во Спорсткиот центар „Борис Трајковски“. За големото затворање на овогодишниот Таксират пристигнуваат водечки светски, регионални и домашни музички уметници на електронската, рок, метал и трап/хип-хоп сцена.
На главната бина на Таксират, посетителите ќе уживаат во премиерниот настап во земјава на маестро Борис Брејча – истакнат суперхерој на светската електронска сцена и еден од најбараните изведувачи на денешницата. И покрај веќе трасираните музички правци, тој, сепак одлучи да создаде свој звук и дочека неговиот „хај-тек минимал“ да биде еден од најпопуларните електронски стилови денеска, а тој да настапува на сите најголеми светски фестивали со препознатливата „џокер“ маска. Заедно со Брејча, од Германија пристигнува и неговата долгогодишна соработничка, харизматичната ЕН КЛУ – позната по своите непредвидливи сетови и посебна енергија.
На главната бина на Таксират ќе настап и три исклучително значајни, легендарни музички имиња од македонската и регионалната сцена и тоа: неуништливите „Партибрејкерс“ – еден од највлијателните и најистрајни рок бендови во регионов кои веќе 40 години воодушевуваат испорачувајќи моќен звук на сцена; култната „Мизар“ – ѕвездата водилка на македонската музичка авангардна, алтернативната рок група која важи за пионер на дарк-вејв естетиката во регионот; и најзначајната македонска треш-метал група „Санаториум“ – подеднакво култно име кое три децении е музичка лектира на балканската метал-сцена.
Втората бина, лоцирана во малата сала на С.Ц. Борис Трајковски е резервирана за највлијателниот трап/хип-хоп звук од земјава и регионот, кој ќе се чуе преку настапите на „З++“ од Хрватска, „Црни Церак“ од Србија и македонските предводници на жанрот „Бон Праскиза“, „Јанг Дади“, „Ајри Скреч“ и „Шорти Пи“.
Третата бина „SILENT DISCO“ ќе понуди музичка селекција од страна на три докажани диџејски имиња кои владеат со подиумите низ македонските клубови, а кои оваа вечер во исто време ќе застанат зад диџејскиот пулт, додека посетителите преку слушалки ќе можат да ги менуваат трите фреквенции избирајќи го својот омилен ритам за танц. Влезот за посетителите ќе биде отворен во 19:00 часот.
Организаторите информираат дека Фестивалот ќе се одржи во согласност со актуелните безбедносни протоколи со ограничен капацитет, а влезот ќе биде овозможен само на посетителите кои имаат документ/сертификат дека примиле две дози вакцина против Ковид-19 или дека го прележале вирусот во последните 45 дена. Со цел да се избегнат гужвите при влез на настанот, тие апелираат до сите посетители да дојдат порано, односно најмалку еден час пред настапот од програмата кој не сакаат да го пропуштат. Сите оние кои билети купиле онлајн не треба да вршат замена на ваучерите за билети, туку треба само да ги приложат интернет ваучерите (ПДФ документот во нивниот и-мејл) при влез на Фестивалот, испечатени или од нивниот мобилен телефон.