Обожавателите забележаа дека, поради сцена сместена на плоштадот Тјенанмен, една епизода од „Симпсонови“ не е достапна на стрим-платформата „Дизни плус“ во Хонг Конг.
Во епизодата од 2005 година „Гу-Гу Гај Пан“, семејството Симпсон патува во Кина за да посвои бебе. Тие застануваат на плоштадот Тјенанмен во Пекинг, каде што има натпис којшто гласи: „Во 1989 година на ова место, ништо не се случи“. Ова е „горка шега“ за познатото пукање од 4 јуни 1989., кога на плоштадот, со месеци, се собираа продемократски демонстранти, а на крај Армијата, според неофицијални проценки, усмрти стотици луѓе.
Според неколку новински извештаи, таа 12. епизода од 16. сезона на серијата „Симпсонови“ не е достапна на „Дизни плус“ за корисниците во Хонг Конг.
Канцеларијата за трговија и економски развој во Хонг Конг соопшти за „Њујорк тајмс“ дека неодамна донесената регулатива за цензура се однесува на филмови, а не и на стрим-сервисите.