Омикрон-сојот кој се рашири од Јужна Африка сѐ уште не е откриен кај нас. Доктор Горан Кунгуловски од лабораторијата за генетика и персонализирана медицина во клиниката „Жан Митрев“ за „А1он“ потврди дека и заразените со овој нов сој може да се откријат со ПЦР-тестирање.
„Новиот сој на коронавирусот омикрон може да се дететктира со ПЦР-тест и одредени ПЦР-тестови, кои ние ги имаме, можат да укажат дека детектираниот резултат е омикрон или делта. Секако тоа се потврдува со секвенционирање“, вели Кунгуловски.
За омикрон-сојот засега извесно е само дека се шири неколкупати побрзо од другите соеви, но каква клиничка слика имаат заразените и каква смртност предизвикува сѐ уште нема податоци.
„Засега немам доволно информации, никој во светот нема. Да почекаме две-три недели да се соберат податоци“, објаснува Кунгуловски.
Светската здравствена организација (СЗО) го класифицира омикрон-сојот како „многу висок“ глобален ризик.
„Омикрон има мутации чиј број е без преседан, од кои некои се загрижувачки поради нивното потенцијално влијание врз развојот на пандемијата. Вкупниот глобален ризик поврзан со омикрон е исклучително висок“, наведе СЗО во извештајот за новиот сој.
Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, рече дека има многу несигурности за тоа колку може да биде пренослива и тешка инфекција со силно мутиран омикрон.
„Појавата на силно мутираната варијанта омикрон укажува колку е опасна и неизвесна нашата ситуација“, рече директорот Тедрос на почетокот на неделава и нагласи дека омикрон-сојот покажува зошто на светот му е потребен нов договор за пандемии.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на прес-конференција во Рига рече дека во следните две-три недели научниците ќе собираат информации за да добијат точна слика за тоа колку е опасна новата мутација на коронавирусот.