УНЕСКО ги вклучи ракописите на еден од водачите на кубанската револуција Ернесто Че Гевара во својот регистар „Меморијата на светот“.
Документите вклучуваат оригинални ракописи на Че, односно забелешките кои во своите младешки денови ги внесувал во дневник, кој го водел во планините на Боливија, каде што е убиен од страна на војската во 1967 година.
Одлуката на меѓународната организација е потврда на тоа дека ОН „го признава придонесот на Че во светската и латиномериканската револуционерна мисла, која го направи симбол на востаничкото движење, на ослободувањето и интернационализмот“, рече кубанскиот координатор на програмата Хуан Антонио Фернандез.
Во регистарот на УНЕСКО „Меморијата на светот“ влегуваат околу 300 документи и збирки од пет континенти.
На церемонијата во Хавана по повод вклучувањето на ракописите на Че Гевара во светското наследство, присуствуваа неговата вдовица, ќерка и син.