Почна бербата на првите трпезни сорти грозје во Тиквешко. Од денеска и откупни пунктови од најголемиот лозарски регион почнаа со преземање количини од најзастапената десертна сорта „кардинал”.
– Првите цени на десертното грозје задоволуваат и даваат надеж дека ќе имаме добра гроздоберска сезона, изјави лидерот на регионалниот Сојуз на лозари „Агротиквешија” од Кавадарци Љупчо Аризанов.
Како што информираат лозари од Дисанско, првите количини „кардинал“ ги продале по 50 денари за килограм, вторите за 38 денари, а третата тура достигнала 32 денара за килограм. најмногу имало купувачи од Скопје.
Лозарите очекуваат „кардиналот“ да има добра цена како на стартот на гроздоберската сезона за трпезните сорти грозје. Некои пунктови најавија откуп на „кардинал” по 25 до 30 денари и плаќање најдоцна за 15 дена од предавањето.