Првиот македонски игран филм за деца – „Стела“ во режија на Стојан Вујичиќ освои Сребрена плакета на 15. Chinh India Kids Film Festival. Таа е трета награда за овој филм – копродукциски преокт во кој е вклучена меѓународна екипа.
Главен лик е куче – шарпланинката Стела, првпат на долгометражен филм игра младиот Петар Маниќ, а учествуваат и Дејан Лилиќ, Тони Михајловски, Симеон Дамески и српската актерка Христина Поповиќ. Сценариото е на Ева Камчевска, кинематографер е Горѓи Клинчаров, костимограф на филмот е Милена Миленковиќ, монтажер е Данчо Стефков, а композитор Оливер Јосифовски од групата „Љубојна“.
Фестивалот „Chinh India Kids Film Festival“ е инициран по повод 60-годишнината од независноста на Индија, со цел да се слави знаењето, идеите и перспективите за културата и образованието во контекст на детскиот развој.
– Целта на 15-тиот „Chinh India Kids Film Festival“ е да се всади вкус за квалитетна детска програма и да се генерира свест за новите жанрови, иновации и формати кои го поврзуваат образованието со прашањата за култура и развој кај децата. На овој фестивал е важно мислењето на децата и тие одлучуваат за победниците на филмскиот фестивал. Токму затоа успехот на „Стела“ и добивањето сребрена плакета е огромен, соопшти македонската продукциска куќа „Дрим фектори“.
Покрај „Дрим фектори“ и продуцентот Огнен Антов, во реализацијата на филмот беа вклучени и српската „Акција продукција“ и германската „Моуна“. Филмот беше финансиски поддржан од нашата Агенција за филм, Филмскиот центар на Србија и Филмскиот фонд Баден Вунтерберг во Штутгарт, Германија.