„Воена дисциплина – што стои зад воената дисциплина“ е темата на дипломската работа која денеска беше одбранета од еден од питомците од првата класа, по рестартирањето на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во 2009 година.
По тој повод, министерот за одбрана на Република Македонија, Талат Џафери, кој заедно со заменик-началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-мајор Насер Сејдини и останати претставници на Министерството и на Армијата, присуствуваа на јавната одбрана, укажа на тоа дека по одбраната на дипломските трудови, на 31-ви овој месец следи произведување на дипломираните кадети во офицерски чин потпоручник.
Министерот Џафери нагласи дека токму исполнувањето на правната рамка за нивно работно ангажирање претставува и обврска за МО.
– Овој свечен чин беше круна на четиригодишното школување на Воената академија, после сите напори, обука и настава, рече питомецот Моника Павлова, и додаде дека како прв иден офицер од понежниот пол во родот пешадија, токму воената дисциплина како област, е важна за одржување и зајакнување на дисциплината во редовите на војската.
Конкурсот за новата класа питомци за школската 2013/2014 година, информираше министерот Џафери, ќе биде потпишан денеска, додека веќе утре ќе биде објавен во медиумите и јавноста, со што ќе започнат да течат и предвидените рокови и процедури за пријавување за новата школска година.