Полициски службеници од Секторот за внатрешни работи – Охрид од денеска до 15 септември ќе спроведуваат заеднички полициски контроли и патроли низ градот и долж крајбрежјето на Охридското Езеро со униформирани службени лица на Полицијата на Република Србија.
– Станува збор за реализација на Договорот за полициската соработка меѓу министерствата за внатрешни работи на двете држави, активности во насока на зголемување на степенот на безбедност на туристите од Република Србија кои летуваат тука, но и на сите гости на Охридската ривиера, рече портпаролот на СВР – Охрид Стефан Димоски.
Целта на заедничките патроли ќе придонесе и за зголемување на степенот на соработката и размена на искуствата на полициските службеници од двете министерства, но и излегување во пресрет на граѓаните за задоволување на нивните потреби од безбедносен аспект.