Македонски железници ќе го обнови возниот парк со нови вагони со што се очекува зголемување на превозот на патници и стоки.
Јавниот повик за набавка на нови 150 товарни вагони веќе е објавен, а за патничките се очекува да биде објавен во текот на август. Средствата се обезбедени од Европската банка за обнова и развој, а проценетата вредност на инвестицијата е 50 милиони евра од кои за товарните вагони се очекува да бидат потрошени 15 милиони, за патничките 25 милиони и 10 милиони за рехабилитација на постојните вагони.
До 10 септември треба да бидат доставени понудите за товарните вагони по што ќе следува периодот на евалуација и потпишувањето на договорот до крајот на годината, а новите товарни вагони се очекува да бидат доставени во текот на следната година.
– Со ваквиот чекор Македонски железници – Транспорт ќе го зголеми возниот парк и ќе ја зголеми можноста за превоз на поголеми количини стока, истакна министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески на денешната прес-конференција.
Директорот на Македонски железници – Транспорт Оливер Дерковски очекува дека со набавката на новите товарни и патнички вагони ќе се зголеми транспортот на стока и бројот на патници кои ќе ги користат услугите на Македонски железници. Тој нагласи дека поради набавката на новите вагони нема да има корекција на цената на услугите на Македонски железници.
Во првиот квартал од годинава во споредба со истиот период минатата година забележано е мало зголемување на превозот на стока и патници во железничкиот сообраќај.