„Македонска историска читанка“ е нова книга на новинарот – публицист Иван Глигоровски која опфаќа прилози за значајни настани и личности од областа на македонската историја, литература, култура и образование.
Авторот во книгата бележи и значаен настан – првпат снимање телевизиски емисии на македонски литературен јазик за потребите на Образовната програма, односно за Училишната редакција на Телевизија Скопје во1983, 1984 и 1985 година.
Во соработка со својата колешка Роза Јанковска, како и режисерите Аљоша Симјановски и Коле Малинов, авторот подготви педесетина и повеќе текстови, научни трудови, разговори и други содржини кои се снимаа на македонски литературен јазик, првпат во историјата на тогашна СР Македонија во тогашното студио на Телевизија Скопје во Долно Нерези.
До септември 1983 година, гледачите во Републиката гледаа ТВ-емисии преку ТВ-центрите на тогашна СФР Југославија (Белград, Нови Сад, Сараево, Загреб и Љубљана) емитувани на српскохрватски и на словенечки јазик.
Новинарот Иван Глигоровски тогаш се зафатил со одговорна задача – да се снимат што повеќе теми и содржини на литературен македонски јазик наменети за училишната возраст во наставата на училиштата во СР Македонија.
Книгата содржи само дел од големиот број текстови, разговори и ТВ-емисии што во тоа време се снимаа за тогашната Училишна програма на Телевизија Скопје. Содржани се над 50 прилози на околу 350 страници и стотина фотографии.
Иван Глигоровски (1948) е автор на дванаесет дела од областа на историјата, народното творештво, образованието и македонскиот јазик.