Судечкиот судија Огнен Ставрев ги одби сите докази предложени од обвинетите и адвокатите во случајот „ТНТ“. Тој прифати да се изведат само вештачења и да се сослушаат вешти лица. Ова доаѓа по предлогот на обвинителот Бурим Рустеми кој сметаше дека и да се изведат доказите на Миле Јанакиески, Тони Трајкоски и службениците, тие нема да сменат ништо во фактичката состојба. Ставрев по паузата која траеше повеќе од еден час, се согласи со оваа констатација на обвинителот.
“Предложените докази се одбиваат како неосновани. Предложените докази се непотребни. Судот во насока на расфетлување на фактичката состојба преку странките дозволи и изведе довочен број на докази. Се претендира кон одолговлекување на постапката. Фактите кои треба да се утврдат не се релевантни“, кажа судијата Ставрев.
На реакциите од адвокатите кои кажаа дека не се сите докази изведени, судијата, не им дозволи да достават листа на неизведни докази и кажа: „Ние мислиме дека се е изведено. Ако не е, имате други механизми“.
При закажувања на датумите за наредните рочишта, адвокатите и обвинетиот Миле Јанакиески реагираа дека веќе имаат закажано судења во тие термини. Но, судијата Огнен Ставрев остана при трите одредени датуми, со објаснување, дека тој и судечкиот совет ќе ги одложат истите.
“Со нашето влијание ќе ги тргнеме сите”, му рече Ставрев на Јанакиески кога го праша за друг термин бидејќи на 26 и 30 ноември има рочишта за предметите“Траекторија” и “Шпански скали”.
Мерџан Даути посочи дека на има закажано рочиште за во петок, на што, доби одговор од судијата Ставрев: „Ќе го одложиме ќе ги замолиме“
Прашан дали ова значи дека ќе се одложи и рочиштето за „Титаник“, за кажано исто за во петок, Ставрев додаде: „Се одлага“.
На ова реагираше обвинетиот Миле Јанакиески кој рече: „Ајде само ТНТ ќе го судиме“, на што Ставрев одговори: „3,5 години се влече овој предмет“, а Јанакиески возврати: „Титаник се суди подолго, ако гледате така!“.
Одбраната неколку пати реагираше дека ќе се отфрлат сите нивни предложени докази со цел до средината на декември да се донесе пресуда за предметот ТНТ, кој се однесува на рушењето на објектот „Космос“ сопственост на бизнисменот Фијат Цаноски.