„Охридско лето“: Вечер посветена на Ристо Аврамовски

Од:

По повод јубилејот 70 години од раѓањето на македонскиот композитор, музички деец и публицист Ристо Аврамоски вечер во катедралната црква „Света Софија“ ќе се одржи концерт на македонски уметници.

Како што вели селекторот на музичката  програма на „Охридско лето“ Гордана Јосифова Неделковска, фестивалот години наназад оддава почит кон македонските композитори, одбележувајќи јубилеји.

– „Охридско лето во своите програми вклучува уметници од светски ранг, македонски уметници, но секогаш посебно значаен елемент при конципирањето на програмата е вклучувањето дела од наши, домашни композитори. Многупати досега сме имале можност да чуеме изведби на странски оркестри, ансамбли, солисти кои ги изведуваат нивните дела. Некои од нив, ставајќи ги во својот репертоар, продолжуваат со изведба ширум светот, истакнува Јосифова Неделковска.

Според неа, Аврамоски има оставено голем печат во  фестивал како музички селектор и претседател  на Управниот одбор на „Охридско лето“.

– Го организираме овој концерт со посебна радост, пиетет и чувство на благодарност кон човекот што даде исклучително креативен влог и остави големи траги со своето работење во рамки на фестивалот. Беше и остана вистински пример за помладите генерации колку треба да се сака и почитува „Охридско лето“. Преку заложбите и беспрекорното работење воспостави вистински програмски стандарди, нагласува Јосифова Неделковска.

Во рамки на вечерашниот концерт ќе настапат сопраните Весна Гиновска-Илкова и Славица Галиќ-Петровска, пијанистите Тодор Светиев и Валери Стефановски, како и Јасна Аврамовска и Дувачкиот квинтет „Арт“.

Академик Ристо Аврамовски (1943-2007) е истакнат македонски композитор, музички деец и публицист. Неговото творештво е обемно и разновидно, солистички и камерни дела за инструменти и глас, симфониска, вокално-инструментална и хорска музика, балети и опери.

Во неговиот значаен опус кој брои над стотина наслови се осум симфонии, концерти за виолина и оркестар, концерти за пијано и оркестар, симфониските дела „Психофонија”, „Библиофонија”, „Канон”, „Еволуција”, а меѓу камерните дела се издвојуваат Сонатата за две пијана, вокалниот циклус „Тишина”, „Три исповедни молитви” за пијано и глас, Гудачкиот квартет бр.2. („Берлински”), вокално-инструменталниот циклус „Азбуки”, кантатата „Егзодус”, Сонатата за виолина и пијано, како и оперите „Болен Дојчин” и „Лидија од Македонија”.

Композициите на Аврамовски се изведувани на концертните и фестивалските подиуми во Македонија и ширум светот. Снимките на музиката на Аврамовски се наоѓаат на албум од 6 ЛП плочи и на 10 компакт дискови, а издадени се над 50 самостојни партитури и албуми со неговите дела во земјава и во странство. За својот долгогодишен придонес во македонската музичка култура Аврамовски е добитник на голем број домашни и меѓународни стручни и општествени награди и признанија, меѓу кои наградата „11 Октомври” за животно дело и Орден за заслуги.

Во рамки на Охридско Лето, претходно, од 20 часот, во предворјето на хотелот „Палас“ ќе биде реализиран мултимедијалниот проект „Три различни пулсирања“ на авторите Ели-Аиноска-Христовска, Билјана Ангелеска и Стевчо Наумоски.

Проектот претставува авторско гледиште кон природата и кон животот воопшто на тројцата автори. Пулсот се јавува како едно врзивно средство меѓу творештвата на Ели Аин – „Непознати предели“, Билјана Ангелеска – „Срцева комора“ и Стевчо Наумоски – „Пулсот на езерото“. Станува збор за спој на различни медиуми-објекти, интервенција во простор, фотографии, видео и звук и е резултат и надоврзување на истражувањата на различни аспекти на просторноста, почнати и развивани во претходните проекти.

Би можело да ве интересира

Француска вечер 17 години присутна на „Охридско лето“

На „Охридско лето“ промоција на книгите „Радио“ и „Неправилен ритам“ од Љупчо Јолевски

На „Охридско лето“ вечерва симфонискиот оркестар од Црна Гора и нашата пијанистка Нина Костова

Предраг Петровиќ

Отворено 64. издание на фестивалот „Охридско лето“

„Охридско лето“ на годинешното Генерално собрание на Европската фестивалска асоцијација

Поповиќ: Со одобрените 30 милиони денари од Министерството за култура ќе реализираме квалитетна програма