Во чест на Денот на ослободувањето на Скопје, вечер со почеток во 19 часот, ќе се одржи онлајн-промоција на книгата „Скопски есеи“ од Јелена Лужина.
Онлајн-разговорот со авторката, која е позната по својата работа како преведувачка, театролог и книжевен теоретичар, ќе го води уредникот на изданието Ведран Диздаревиќ.
„Скопски есеи: сказни за лица, персони и сенки“ е истовремено книга за минатото и за иднината. Во неа, со поглед наназад, авторката ги портретира големците што оставиле трага врз македонската култура.
Книгата е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Корицата е илустрирана со мотив од делото Старо Скопје (масло 1960) од Бранко Костовски.
Јелена Лужина е театролог, книжевен теоретичар, критичар, есеист, преведувач. Дипломирала на Универзитетот во Загреб, каде што завршила постдипломски студии по книжевна теорија. Докторирала на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, четириесет и две години работела како универзитетски професор и како менаџер во културата.
Книгата „Скопски есеи“ веќе е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“.