Пратеникот од Движењето БЕСА, Кастриот Реџепи најави дека во понеделник на прес-конференција ќе се појави пред новинарите. Тој ја повика неговата партија да не презема чекори кои ќе ги оштетат партиските структури и активности.
-Следниве денови ќе имаме можност подиректно да ве информирам за сѐ. Во однос на медиумите и интересот, ги разбирам и ги информирам дека мојот прв настап ќе биде во понеделник преку прес-конференција. На крајот апелирам до раководството на Движењето БЕСА да не презема забрзани чекори кои ќе им наштетат на нашите структури и активности. Треба да се постапува внимателно, напиша Реџепи на неговиот приватен профил на Фејсбук.
Тој вчера не се појави во Собранието и поради тоа опозицискиот блок не успеа да ги собере потребните 61 пратеник за да изгласа недоверба на Владата. Опозицијата тврдеше дека тој е киднапиран, а лидерот на БЕСА, Билал Касами го пријави за исчезнат во полициска станица. Реџепи преку социјалната мрежа Фејсбук вчера соопшти дека е добро и на сигурно место. Рече и дека е на правилната страна, со Албанците и со граѓаните кои се за мир, слобода и демократија.