Младинскиот културен центар во Скопје, вечерва ќе биде местото каде ќе се одбележи настанот „50 години македонски анимиран филм“. Одбележувањето на јубилејот ќе опфати изложба на артефакти од „златното доба“ на македонскиот анимиран филм (1971-1991), како и изложба на артефакти од актуелните автори на анимиран филм кои ја сочинуваат сцената денес.
Освен изложба, предвидени се дискусии со авторите од „златното доба“ и сцената денес, проекции на филмови, како и презентација на публикацијата „Македонскиот анимиран филм 1971-1991“, која е резултат на истражувачката работа на Иван Ивановски и Слободан Јаќоски.
– Оваа година се навршуваат точно 50-тина години од „Ембрио №. M“ на Петар Глигоровски, првиот македонски анимиран филм. Глигоровски, заедно со Дарко Марковиќ и Боро Пејчинов и уште шест автори се генерацијата која ги поставува темелите на македонската анимација. Овие автори го достигнуваат својот зенит кон крајот на 70-тите и почетокот на 80-тите години – создавајќи извонредни филмови кои учествуваа и добија значајни признанија на големи светски фестивали, вклучувајќи и „Сребрена мечка“ на Меѓународниот фестивал во Берлин. По „златната доба“ на македонскиот анимиран филм (1971-1991), настапува извесен дисконтинуитет со целосно редуцирана продукција и индивидуални пробиви, велат од Друштво на филмските работници на Македонија.
Од Друштвото посочуваат дека пред околу 10-тина години, новите технологии за дигитална продукција придонесоа за постепено создавање на нова сцена на автори на македонски анимиран филм и повторно етаблирање на македонскиот анимиран филм на европските и светските фестивали.
Организацијата на овој настан е на Друштвото на филмските работници на Mакедонија во партнерство со Кинотеката, Вардар Филм и Младинскиот културен центар, со поддршка на Агенција за филм, Министерството за Култура и Град Скопје.