Академик Георги Старделов, поранашниот претседател на МАНУ, остро ја критикува лустрацијата на академик Томе Серафимовски. Старделов во изјава за Дојче веле вели:
„Ова што се случува со гротескни искривоколчувања на т.н. процес на лустрација, води кон сознанието дека на македонскиот народ по којзнае кој пат му се повторува познатиот синдром на македонски расколи, кавги и меѓусебно ништење“.
За жал вели, тоа денес се одвива на институционално ниво.
„Фатално е за еден народ, кој е толку пати одречуван, оспоруван, обезименуван и понижуван, да ги доведува во прашање оние трајни столбови кои го воздигнаа на светско рамниште македонскиот јазик, култура и идентитет и со неподнослива леснотија да го урива угледот на оние бележити луѓе кои му дадоа духовна димензија на македонскиот народ.
– Уверен сум дека имињата на оние кои беа ставени на столбот на срамот и натаму ќе зрачат и дека МАНУ нема да се согласи тие да се избришат или заминат од нејзините редови“, вели академик Старделов