Јапонската компанија, „Фуџи Хеви Индустрис“ (ФХИ), која ги произведува автомобилите „Субару“, во понеделникот одбележа шест децении постоеење.
Почетокот на работата на ФХИ е врзан за 1917 година и основањето на компанијата „Еркрафт Рисрч Лабораторис“, што се занимавала со истражувања од областа на воздухопловната технологија, а подоцна станала дел од фабриката за производство на авиони „Накаџима Еркрафт“.
По Втората светска војна, во 1950 година, оваа фабрика е реорганизирана во „Фуџи Сангио“, во дванаесет одвоени профитни центри, за на 15 јули 1953 година пет од нив да се спојат во нова компанија под името „Фуџи Хеви Индустрис“ (Фуџи тешка индустрија).
Најзначајна за историјата на компанијата била 1958 година, кога ФХИ го лансирала првиот јапонски авион за обука и тестирања, моделот „Т-1“, но и мини-автомобилот „Субару 360“.
Низ својата историја ФХИ продолжува да ги развива најмодерните технологии и единствени производи какви што се „Субару 1.000“, првиот јапонски автомобил за масовна употреба со преден погон, потоа првиот патнички автомобил со погон на сите четири тркала – „Субару Леоне“, „Субару Легаси“, што го означи подемот на автомобилот караван на јапонскиот пазар, па се до напредниот безбедносен систем за спречување судари под името „Изисајн“ (ЕEyeSight).
Препознатливоста на компанијата ФХИ како иноватор на новите технологии е присутна и во бизнисите што не се поврзани со производството на автомобили. Во воздухопловната индустрија компанијата е позната по системите за беспилотни летала и учеството во меѓународните проекти за развој на комерцијалните воздухоплови.
Компанијата изработува и погонски агрегати за општа намена, како и други производи на моторен погон што се користат во индустријата и за секојдневна употреба ширум светот.